Хрватскиот интернационалец Стипе Мандалиниќ и во следната сезона ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер.
Левиот бек одлично се адаптираше во клубот и во Битола, а за хрватските медиуми откри дека во тимот ќе дојдат нови засилувања и ќе биде уште посилен.
„Добро ми е во Битола, затоа потпишав нов договор. Ми се допаѓа како е организиран клубот, ми се допаѓаат плановите за следната сезона. Клубот ќе биде значително засилен и верувам дека наскоро ќе му бидеме сериозен ривал на Вардар за шампионската титула во Македонија“, изјави Мандалиниќ за „Вечерњи лист“.
Сплиќанецот ја прифати битолската шема – кафе на Широк Сокак и вели дека му е убаво во Битола.
„Во Битола сум со моето семејство, а во Македонија во моментот мерките не се толку строги, па можете да седите во кафуле и да пиете кафе. Сега е многу студено, бидејќи градот е опкружен со планини. Жал ми е што на трибините нема навивачи затоа што во Битола секогаш имало жешка атмосфера“, заврши Мандалиниќ.
Тој и неговите соиграчи вечерва ќе се соочат со хрватскиот првак Загреб од 20:00 часот во рамките на СЕХА лигата.