Екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Стипе Мандалиниќ, откако го напушити битолскиот тим по завршувањето на минатата сезона, не чекаше многу да најде нов клуб. Тој потпиша за вицепрвак на јужниот сосед, АЕК Атина, клуб кој во новата сезона ќе влезе со големи амбиции за враќање на титулата во свои раце.
Искусниот ракометар од Хрватска пред извесен период пристигна во грчката престолнина и имаше доволно време за прилагодување во новата средина. Новиот член на АЕК во разговор за грчкиот портал „Greek Handball“ ги сподели првите впечатоци од Атина.
,,Јас немам зборови за пречекот, кој го добив овде, не знам што да кажам. Ваков пречек како што имав во Атина немав во ниту еден клуб каде што играв во мојата кариера. Овде сѐ е прекрасно, ќе бидам сместен блиску до салата во мирна област, која е најдобра за моето семејство, како и за мене. Можам да кажам дека овде е многу убаво и јасно е дека постојат одлични услови за еден професионален спортист, со цел да се прилагоди и да функционира и да даде сѐ од себе за својот тим и да си ја заврши работата како треба“, изјави Мандалиниќ.
Хрватот во својата кариера освен за Еурофарм Пелистер настапуваше и за екипите на Фуксе Берлин, Загреб, Карловац и Сплит. АЕК Атина освен Мандалиниќ, за следната сезона ангажираше уште неколку засилувања, потпишаа голманот Иван Мацкевич, пивотот Лукаш Рогулски, десните бекови Никола Јукиќ и Немања Живковиќ и левото крило Максимилијан Тике.