Машката ракометна репрезентација на Македонија ја чека двомеч од квалификациите за Европското првенство во Унгарија и Словачка, против светскиот првак Данска.
Избраниците на Кире Лазаров вечерва го имаат последниот тренинг пред утрешниот двобој, а левото крило Дејан Манасков се враќа во националниот тим откако не настапи на Мундијалот во Египет.
„На секој натпревар треба да се надеваме на победа. Не треба да се предаваме одннапред, иако знаеме против кого играме. Не треба да се зборува за Данска, јасно ни е на сите кои се и што се. Пред се треба да одиграме максимално мотивирано, а ако ни се укаже минимална шанса да пробаме да ја искористиме. Секако дека ќе биде тешко и јасно е дека тие се фаворити. Најважно е да се поправи сликата од СП, да се остави позитивен впечаток и македонската јавност да види дека оваа генерација вреди, дека во иднина може да има подобри резултати“, вели Манасков.
Првиот меч меѓу Македонија и Данска се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:00 часот, додека вториот натпревар е на програмата в недела во Алборг во „Гигантиум Арена“ со почеток во 16:00 часот.