Македонскиот претставник Тиквеш ова лето покрај интернационалните засилувања, го пополни својот ростер со македонскиот лев бек Мартин Манасков.
Тој по настапите за Борец, Металург Јуниор, Вардар Јуниор, Пролет, Охрид и Бутел Скопје, ќе има нов предизвик во кариерата.
Велешанецот открива дека лесно се договорил за трансферот во Кавадарци и знае каде доаѓа.
„Лесно се договорив со раководството на кавадарчани. Проектот оди во нагорна линија и секоја година е се поуспешен. Ме привлече атмосферата во градот што ја има за ракометот, знам колку луѓето го сакаат ракометот во Кавадарци и колку се посетени натпреварите. Едноставно е, во градот владее ракометна атмосфера, знам колку тоа придонесува за борбеноста на играчите на натпреварите и сакам да бидам дел од овој проект“, вели Манасков за 24Ракомет.
Левиот бек не сака да размислува на долги патеки и вели дека за плеј-офот ќе се разговара кога ќе дојде време.
„Првична цел ни е да ја поминеме групата и да влеземе во плеј-офот, односно разигрувањето за титулата. Нема да брзаме и ќе одиме чекор по чекор, за плеј-оф ќе размислуваме кога ќе дојде време“, продолжува Манасков.
Покрај домашните, кавадарчани ќе имаат и меѓународни обврски во Европскиот Куп.
„Не чека и европски предизвик. Лани загубив со Бутел против Алпла Хард во Лигата на Европа, сега повторно со Тиквеш ќе играме со австриски ривал Кремс. Не сум доволно запознаен со квалитетите на Кремс, но мислам дека се посилен ривал од Алпла Хард. Ќе се подготвиме добро за тој двомеч, но ќе биде сигурно неизвесно“, заврши Манасков.
Тиквеш славеше во првиот пријателски натпревар против Прилеп, а кавадарчани ќе имаат уште проверки пред стартот на новата сезона. Ќе тестираат со ПАОК Солун на два пати, како и со Пролет.