Манасков е блиску до Келн, ама внимателен – Алборг не се предава така лесно

Репрезентативецот на Македонија и член на Веспрем, Дејан Манасков, денеска со неговиот тим го игра реванш натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Алборг.

На првиот натпревар, кој беше одигран во Веспрем, ракометарите на унгарскиот гигант триумфираа со седум гола разлика, 36:29.

Манасков поради повреда отсуствуваше неколку месеци, а неговиот камбек на терените во Лигата на шампионите беше токму на натпреварот против Алборг во четвртфиналето од елитното европско натпреварување.

Искусното лево крило во разговор за официјалната клупска страна на Веспрем истакна дека сѐ уште не е познато кој ќе патува на Ф4 турнирот во Келн потенцирајќи дека Алборг е екипа која не се предава многу лесно.

„Беше прекрасно чувството што конечно се вратив по толку долга пауза, особено пред толку многу гледачи, на ваков натпревар. Шлаг на тортата е тоа што успеав да му помогнам на тимот со гол. Алборг нема да се откаже, ќе направи сѐ за да победи“. Сепак, не треба да се занимаваме премногу со нив, треба да се фокусираме на себе. Мора да играме како да не се случил минатонеделниот натпревар и да играме како да немаме седум гола предност, тоа е нашата единствена шанса“, изјави Манасков.

Реванш натпреварот меѓу Веспрем и Алборг е закажан за 18:45 часот. Подобриот од овој четвртфинален двобој ќе обезбеди настап на завршницата во Келн.