Македонија загуби од Норвешка со 38-27 во првото коло на Мундијалот, иако во првиот дел, во еден момент беше рамноправен ривал.
Левото крило Дејан Манасков вели дека ако ваквата игра се повтори и со Холандија, повторно ќе загубиме десет разлика.
„Мислам дека во првите дваесетина минути беше ок, резултатот беше добар, почнавме да правиме милион технички грешки, репрезентација како Норвешка го казнува тоа и одеднаш резултатот отиде на плус седум. Го загубивме мечот, можеби потајно сите се надевавме дека можеме, но не се претставивме во најдобро светло и дека оваа репрезентација може повеќе. Мораме да ја поправиме играта пред дуелот со Хоалндија, да се концентрираме на нив, не смееме да имаме технички грешки. Ако играме како денес, ќе загубиме и од нив десет разлика“, вели Манасков.
Тој денеска одигра 60 минути на левата крилна позиција.
„Денеска не се потрошив премногу, имам сила да издржам 60 минути и се чувствувам подготвен. Ритамот на натпреварот не беше толку тежок, немавме многу шанса да трчаме премногу, едноставно Норвежаните не ни го дозволија тоа. Благодарност до публиката, до нашите навивачи, кои патуваа долго до Краков и не бодреа целиот меч“, заврши Манасков.
Вториот меч Македонија го игра на 15 јануари против селекцијата на Холандија од 18:00 часот.