Во рамките на второто коло од групата 3 во главната фаза на Светското првенство, Франција обезбеди нови бодови откако беше поуспешна од Исланд со 28-26. Исланѓаните скапо ја продадоа кожата. Во првиот дел беа во егал со некогашните светски прваци, во второто полувреме десет минути имаа и резултатска предност, но во финишот на натпреварот неискусно загубија неколку клучни топки и им овозможија на француските ракометари да се радуваат на првото место во групата. Франција и со пораз во последното коло може до пласман во четврт-финале, но треба да изгуби не повеќе од седум голови во дуелот со Португалија.
Франција уште од самиот почеток ја имаше контролата над играта и резултатот. Со два гола предност најави дека ќе ги обезбеди бодовите за пласман во четвртфинале. Исланѓаните не дозволија предвреме да го предадат мечот. Постојано беа блиску до водството на Франција, а на двапати го израмнија резултатот. Но во средината на првиот дел серијата на експертите ги одведе на пристојни три голови предност. Разлика која во финишот на првото полувреме Исланд успеа да ја намали на само еден гол негатива. Ричардсон стави точка на првите триесет минути за конечни 14-16 за Франција.
По паузата Исланѓаните започнаа поконцетрирано и мотивирано во одбраната, што создаде проблеми во нападот на Французите. Токму грешките во одбрана и брзите погодоци од контра-напад ги вратија Исланѓаните во живот, а во следните четири минути го преземаа и водството на овој дуел.
По десет минути игра во вториот дел, Исланд имаше предност од два гола.
На средина на второто полувреме, Женти го замени Жерар на голот на Франција, а промашениот контра-напад и грешката во додање на исландските репрезентативци, ги врати Французите во водство, на 22-23. Токму расположениот францускиот голман, ја одржуваше својата репрезентација во минимална предност. На пет минути до крајот Фабрегас ги доведе „експертите“ на плус два. Разлика која успеаа да ја одбранат до самиот крај за конечни 26-28.