Селекторот на Хрватска, Хрвоје Хорват, доби уште две лоши вести во финишот на првиот дел од сезоната.
Левиот бек Халил Јагањац и десното крило Иван Чупиќ се неизвесни за настап на Светското првенство во Полска и Шведска.
Чупиќ има повреда на коленото, поради која подолго време не игра за Загреб и не е познато дали ќе биде доволно подготвен за јануарските предизвици.
„Во овој момент тешко е да прогнозирам што ќе биде. Тој ден доаѓа, има многу натпревари на СП, но морам да бидам чесен кон себе и кон репрезентацијата. Ако срцето сака, а телото не може, тогаш нема смисла…Да се влечам по теренот, тоа не е чесно кон никој. Затоа кога ќе дојде време ќе ја донесеме најдобрата одлука за Хрватска. Тоа единствено е важно, но мора да бидеме спремни на се“, вели Чупиќ за „Спортске Новости“.
Некогашниот ас на ПСЖ, Металург и Нексе, а сега на Рајн Некар Левен, се повреди на бундеслигашкиот натпревар против Ерланген и сигурно е дека нема да игра до крајот на 2022. Дали ќе биде подготвен за СП е прашање на време.
„Лигаментите на шутерското рамо не се скинати, но се истегнати. Следен чекор ќе бидат третмани, со кои Јагањац ќе се обиде да ја залечи повредата. Во секој случај, до крајот на годината нема да биде на терен“, се вели во соопштението на клупскиот сајт на Рајн Некар Левен.
Хрватска од претходно остана без услугите на левиот бек Марко Мамиќ и левото крило Давид Мандиќ, кои сигурно ќе го пропуштат Мундијалот. Избраниците на Хорват се во група со Египет, Мароко и САД.