Новиот организатор на играта во амбициозниот тим на Прилеп, Владан Кастратовиќ, во текот на септември ќе ја започне третата сезона во македонската елита.
Екс младинскиот репрезентативец на Црна Гора, моментално, со неговиот нов клуб ја одработуваат првата фаза од подготвителниот период.
Средниот бек истакнува дека бил импресиониран од популарноста на ракометот во Македонија.
,,Тука е многу слично како и во Црна Гора, но најмногу во Македонија ми се допаѓа тоа што секој викенд салите се преполни за дерби дуелите, публиката овде го сака ракометот. Тоа беше и причината поради која дојдов во македонскиот шампионат. Во мојата земја, на ракометните натпревари од црногорската лига, нема многу публика, салите се полупразни, има само една лига, без плеј-оф. Црногорците слабо го пратат клупскиот ракомет. Овде најмногу ме импресионираше токму публиката, навистина ракометот е спорт број еден во Македонија”, изјави Кастратовиќ.
Првиот клуб на Кастратовиќ во Македонија беше екипата на Струга, која во сезона 2021/22 го освои 8-то место во Супер лигата. 25-годишниот ракометар по една сезона помината во Струга одлучи да направи трансфер во Охрид, клуб во кој немаше доволно минутажа, па така во вториот дел од минатата сезона беше на позајмица во Куманово.
,,Со Струга имавме солидна сезона, успеавме да го задржиме суперлигашкиот статус на клубот, а најмногу ми се допадна настапот на традиционалниот Струшки турнир. Причината поради која бев на позајмица во Куманово беше недоволната минутажа во Охрид. Во Куманово играв речиси 60 минути секој натпревар, тимот се препороди во вториот дел и добивме многу дуели на кои не бевме фаворити”.
Кастратовиќ во неколку наврати во изборот на 24Ракомет беше еден од кандидатите за играч на колото во Супер лигата и на дел од нив го доби и признанието за најкорисен играч. Тој смета дека ваквите награди се голема мотивација, бидејќи лигата во Македонија е меѓу најквалитетните во Европа.
,,Направениот избор е добар за промоција на играчите. Номинациите и признанијата во претходните сезони, секако, дека се голема мотивација во кариерата. Сепак, на мене ми е важно да победи екипата, без разлика кој би бил номиниран…Македонската лига е една од најквалитетните во Европа. Моето мислење е дека македонскиот плеј-оф е најсилен на Балканот. Сите клубови се трудат да вложат повеќе во ракометот и да остварат подобри резултати. Голем плус за македонскиот ракомет е што има неколку клубови кои учествуваат на европска сцена”.
Црногорецот истканува дека Прилеп, иако е во тешка група, може да се избори за добар пласман во следната сезона.
,,Очекуваме прво да имаме добри подготовки, добро да се подготвиме, да немаме повредени играчи и да се бориме за пласман во плеј-оф фазата и зошто да не изненадиме некои од големите фаворити. Ние сме млада екипа, со серизни тренинзи и подготовки, мислам дека Прилеп може да изненади во претстојната сезона. Во Прилеп најмногу ми се допаѓа квалитетот на тренинзите, двапати дневно имаме тренинзи, тренираме и во теретана за физичка подготвеност. Не очекував ваков добар амбиент во Прилеп, условите се одлични и сум многу задоволен”.
На повеќето ракометари од Црна Гора, македонската лига им била отскочна даска за да заиграат во сениорскиот дрес.
,,Како и секој играч се надевам на повик за националниот тим. Во последните години конкуренцијата е многу голема. Мое е да играм, тренирам и да го давам максимумот на секој натпревар. Пред да дојдам во Прилеп имав неколку понуди за Словенија и Чешка, но токму поради квалитетот на лигата одлучив да останам во Македонија и мислам дека оваа сезона ќе биде најдобрата во мојата кариера”, заврши Кастратовиќ.
Прилепчани за ривали во регуларниот дел од Супер лигата ги имаат Вардар, Еурофарм Пелистер, Пролет, Бутел Скопје, Мулти Есенс, Голден Арт и Вардар Неготино.