Дебитантот во Супер лигата, тимот на Алкалоид, кој во следната сезона ќе игра и на европска сцена, веќе активно работи на надополнување на својот играчки кадар. Тимот од Автокоманда е блиску до потпис со репрезентативецот Мартин Велковски. Двете страни се во процес на преговори, но најверојатно Алкалоид ќе добие уште еден репрезентативец во своите редови.
Десниот бек од сезона 2019/20 настапува за Еурофарм Пелистер каде мина под различни тренерски водства. Потенцијалниот нов член на амбициозниот Алкалоид минатата сезона заработи повреда на коленото и поради тоа подолго време не беше на ракометните терени.
Велковски во својата кариера настапуваше и за поранешниот македонски шампион Металург. Под водство на Лино Червар, тој се афирмираше како играч и со добрите настапи во Лигата на шампионите полека се наметнуваше во сениорската репрезентација.
Екипата на Алкалид на десната бековска позиција моментално на располагање ги има Мартин Серафимов, Михаил Иваноски и Давид Савревски. Со доаѓањето на Велковски, тимот предводен од Кире Лазаров ќе ја зголеми својата база на македонски репрезентативци.