Од вчера во Џеда во Саудиска Арабија се игра неофицијалното светско клупско првенство во ракомет, Супер Глоуб.
Македонија има еден ракометар на овој турнир, а тоа е кружниот напаѓач Стефан Атанасовски, кој настапува за составот предводен од Зоран Кастратовиќ, Ал Мудар.
Тој веќе дебитираше за новата екипа на првиот меч против египетскиот Ал Ахли и во поразот од 36-30, Атанасовски постигна еден погодок од единствениот обид.
Атанасовски е позајмен од составот на македонскиот шампион Вардар во Ал Мудар и по завршувањето на Супер Глоуб ќе се врати во „црвено-црните“ редови.
Ал Мудар го очекува уште еден натпревар од групата, овојпат против освојувачот на трофејот од Лигата на Европа, португалска Бенфика.
Покрај Атанасовски, Македонија има уште еден претставник во Саудиска Арабија, а тоа е Драган Начевски во улога на делегат.