Три ракометарки од Македонија кои имаа забележителен настап на ЕХФ шампионатот во Литванија каде што го освоија првото место во кадетска конкуренција добија несекојдневна можност да се најдат на камп во Виена каде што имаат можност да работат заедно со добро познатите имиња на светскиот ракомет.
Ива Младеновска, Марија Јовановска и Теодора Дукоска се во Виена каде што добиваат големо искуство. После одличниот старт на репрезентативната кариера со големата победа на ЕХФ шампионатот и обебедување на место на Европско првенство сега имаат можност за уште поголем напредок.
„Станува збор за еден вид на камп во кој учствуваме сите ракометарки кои бевме дел од ол-стар тимот на шампионатите во текот на летото. Имаме обука со амбасодорите на ЕХФ и некои познати ракометари. Тука се Андреа Лекиќ, Ања Алтхаус, Јелена Грубишиќ, Ана Грос… Разговараме на различни теми. Зборуваме за анти-допинг, социјални мрежи, имаме интервју-треннинг и слично“, вели Младеновска за 24 Ракомет.
Самата можност да се работи со признати имиња на ракометот кои во минатите години беа постојано во врвот е неверојатна. Затоа овие денови ќе бидат богато искуство за Младеновска, Јовановска и Дукоска.