Женската младинска репрезентација на Македонија во дуел за 15 место на Европското првенство во Романија целосно ја надигра Хрватска со 31:26 и успеа со победа да го заврши настапот на младинскиот континентален собир.
Откако Хрватска со голот на Периќ го отвори дуелот, следуваше одлична серија на Македонија, која постигна четири гола во низа и во 8-та минута дојде до позитива од четири гола разлика, 5:1. Младинките на Хрватска вториот гол го постигнаа по осум минути игра, додадоа уште еден во мрежата на „црвено-жолтите“ намалувајќи на 5:3.
Ракометарките на Јулијана Дамчевска предводени од Ризоска играа мотивирано за да дојдат до првата победа на Европското првенство и не дозволуваа Хрватска да има било какви шанси за камбек. Македонија по десет минути игра ја врати предноста од воведниот дел и поведе со 8:4.
До крајот на полувремето од минута во минута растеше предноста на македонската репрезентација. Хрватска во последните десет минути се почесто правеше грешки, па така Македонија од 11:7 стигна на плус 11, 18:7. По 30 минута игра предноста на Македонија беше 18:8.
Македонските младинки во еден период имаа пад во играта, но во најголемиот дел во второто полувреме водеа убедливо и рутинско го решија дуелот со ,,коцкестите”. Уште при резултат од 22:13 јасно беше дека Хрватска нема да има било какви шанси за големо доближување. Избраничките на Ненад Смиљаниќ намалија на 24:20 во 48-та минута и до крајот заостануваа на четири до шест гола негатива.
Најефикасна во Македонија беше Емилијана Ризоска со девет погодоци, пет постигна Теодора Дукоска, по четири реализации имаа Сара Стефаноска и Марија Јанкуловска.
Солидна на голот беше Ема Кирова со девет интервенции, пет одбрани запиша Марија Јованоска.