Дека македонските арбитри и делегати котираат високо во Европа, говори фактот што дури три судиски двојки се делегирани на натпреварите оваа недела од Лигата на шампиони кај мажите и кај жените.
Славе Николов и Ѓорѓи Начевски ќе го судат дерби двобојот од 7. коло во Лигата на шампионите меѓу Барселона и Келце, вечерва од 20:45 часот.
Силвана Карбеска и Марија Илиева се делегирани на дуелот меѓу Кастамону и Ѓер од 8. коло во Лигата на шампионите што ќе се игра на 20 ноември од 18:00 часот.
Ненад Николовски и Исмаил Металари ќе бидат арбитри на дуелот во Русија меѓу Ростов Дон и Подравка од 8. коло во ЛШ што ќе се игра на 20 ноември од 16:00 часот.
Даниело Божиновски и Виктор Начевски ќе го судат првиот дуел од третото коло во машкиот Европски Куп меѓу Саратов и Полва Сервити што ќе се игра на 28 ноември од 12:00 часот.
Методија и Михајло Илиевски ќе судат на квалификацискиот турнир во Белград од 22 до 27 ноември за последното место на женското кадетско и младинско ЕП во 2023 година. Играат пет репрезентации – домаќинот Србија, Словачка, Словенија, Австрија и Исланд. Браќата Илиевски ќе судат на пет средби – меѓу Словенија и Исланд на 22 ноември од 15:30 часот, меѓу Исланд и Словачка на 23 ноември од 15:30 часот, меѓу Словенија и Австрија на 24 ноември од 17:00 часот, меѓу Србија и Исланд на 25 ноември од 18:00 часот и дуелот меѓу Австрија и Словачка на 27 ноември од 15:30 часот.
Силвана Карбеска и Марија Илиева покрај клупските натпревари, следната недела ќе имаат за судење и репрезентативни двобои. Станува збор за квалификацискиот турнир за пласман на младинското СП во женска конкуренција што ќе се игра во Подгорица од 26 до 28 ноември со Црна Гора, Италија и Полска. Македонските судијки ќе ги судат сите три средби што ќе се играат од 18:00 трите дена.
Камер Металари ќе биде делегат на дуелот од 4. коло во машката Лига на Европа меѓу Татран Прешов и Фуксе Берлин што ќе се игра на 23 ноември од 20:45 часот.
Ацо Николовски ќе биде делегат на реванш средбата од третото коло во женската Лига на Европа меѓу Бузау и Сторхамар што ќе се игра на 21 ноември во 10:00 часот.