Тимот на Коњалти, кој во минатата сезона направи историски успех освојувајќи го Европскиот Куп, со победа ја стартуваше сезоната во турскиот шампионат.
Коњалти во првиот натпревар од новата сезона во најквалитетното натпреварување во Турција за ривал го имаше незгодниот тим на Јаликавак и успеа да триумфира со четири гола разлика, 32:28 (17:15).
Во победничката екипа настапија и трите ракометарки од Македонија, Ивана Гакидова, Моника Јанеска и Елена Ѓорѓиевска.
Кружниот напаѓач Гакидова двапати се запиша во листата на стрелци, Јанеска имаше една реализација, додека Елена Ѓорѓиевска беше стрелец на три погодоци.
Кај поразениот тим одлична партија одигра екс ракометарката на Кометал Ѓорче Петров, Јелиз Озел. Довчерашната репрезентативка на Турција имаше седум реализации.
Тимот на Јанеска и Гакидова во првото коло беше слободен и за ривал во третото коло го има Јенимахал.