Европската ракометна федерација (ЕХФ) по повод од 30-годишнината од своето постоење, денес ја отвори „Куќата на славните“ во која влегоа 60 големи имиња, кои со своите блескави партии оставија голем траг во ракометот, меѓу нив се наоѓа и Кирил Лазаров.
Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија е единствениот репрезент од нашата земја во новоформираната категорија од европската ракометна куќа.
Од матичниот Овче Поле, преку Борец и Пелистер, до Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барса и Нант – секаде каде што играше Лазаров остави неизбришлива трага.
Македонската легенда има освоено 56 трофеи во неговата клупска кариера кариера. 18 пати бил национален првак, a националниот Куп го има освојувано дури 19 пати.
Секако, најголемото достигнување го има во Барселона кога со каталонскиот гигант во сезона 2014/15 го освои златото во Лигата на шампионите.
На репрезентативно ниво одигра 236 натпревари и постигна 1728 погодоци во националниот дрес. Беше дел од сите подеми и падови на Македонија, која најголемиот успех го направи на Европското првенство во Србија (2012) освојуваќи го петтото место.
Лазаров на Светското првенство во Хрватска (2009) и Европското првенство во Србија (2012) беше најдобар стрелец со 92, односно 114 погодоци.
Тој моментално останува и најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите, како и најдобар стрелец во Европа во последните 20 сезони.
Екс репрезентативецот на Макеоднија моментално работи како тренер во Алкалоид, клуб кој во изминатата сезона беше изненадување во Супер лигата и заврши на 2. позиција.