Во рамките од 8. коло од шампионатот на Турција, Коњалти, каде што играат двете македонски интернационалки – Моника Јанеска и Ивана Гакидова, успеа да триумфира во дерби натпреварот против Гореле со резултат 33:28.
Коњалти на полувреме имаше водство од два гола разлика, 16;14, додека во вториот дел со подобрата игра успеа да стигне до нови бодови на свое конто, но и да се надева на висок пласман во останатиот дел од сезоната.
Свое шоу на теренот имаше репрезентативката на Македонија, Моника Јанеска, која со девет постигнати погодоци беше предводник во победничката екипа, а своја поддршка имаше од поранешната ракометарка на Вардар, Алена Ихнева. Русинката беше втор стрелец во екипата на Коњалти со шест гола. Втората Македонка во редовите на Коњалти, Ивана Гакидова, беше стрелец на три гола за својот тим.
Со освоената победа, Коњалти стигна до 12 бодови и моментално се позиционираше на третото место на табелата. Коњалти според прикажаната игра од досегашните натпревари има голема шанса за следната сезона да избори место на европска сцена. Следен противник за екипата на Коњалти е гостувањето кај Текирдаг.