Машката кадетска репрезентација на Македонија славеше над Луксембург со 32-22 во полуфиналето на ЕХФ шампионатот во Летонија и обезбеди место во финалето, односно во борбата за трофеј! Победникот беше најавен уште по првиот дел кога момците на Раде Стојановиќ водеа со шест гола, а беше потврден во второто полувреме кога ривалот беше дотолчен.
Нашите момците поведоа со 2-0 по пет минути игра, а ривалот тешко го наоѓаше патот до голот на одличниот Брестовац. Кога по десет минути, Македоннија поведе со 6-1, селекторот на Луксембург мораше да бара тајм-аут. Тоа многу не го поремети македонскиот ритам, па Петковски зголеми на 8-2. Брестовац имаше двојна одбрана по ударот на Етуте, но потоа Николоски беше исклучен, па Луксембург намали на 8-4.
Брестовац запре уште два удари на Луксембург, а Димковски со убав соло пробив и Петковски од пенал ги казнија промашувањата на ривалот за 11-4 по дваесетина минути игра во „Олимписки Центар“ во Рига. Шулески со две индивидуални акции донесе 13-4 и најави решавање на победникот уште по првиот дел. Брестовац се надоврза со одбранет пенал, но не погодувавме во следните напади и на полувреме се замина со резултат 15-9.
На стартот на вториот дел повторно зголемивме на плус осум, Луксембург не успеваше да парира, па иако се измешаа поставите на теренот, во последните десетина минути се влезе со резултат, 27-18. Беше и 29-19, но одамна немаше дилеми дека нашите момци ќе слават на овој натпревар. Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Славчо Шулески со десет гола и Александар Петковски со седум погодоци.
Ривал на Македонија во финалето и во битката за трофеј, како и за место на младинското ЕП 2024 и кадетското СП 2023 година, ќе биде победникот од дуелот меѓу Швајцарија и Летонија. Финалето се игра утре со почеток во 16:00 часот.