Македонија во игра за организација на четири Светски првенства!

На конгресот што веќе започна во египетскиот главен град Каиро, Светската ракометна федерација, в петок ќе додели организација на дури 13 Светски шампионати, ако не ги сметаме оние во ракомет на плажа.

Се разбира дека најголемо внимание привлекуваат кандидатурите за сениорските Мундијали во машка и женска конкуренција во 2025 и 2027 година, но Македонија не е кандидат за нивен домаќин.

Она што не интересира нас е кој или кои Мундијали ќе ги добие Македонија. Ракометната федерација испрати апликации за организација на четири светски првенства, од кое извесно е дека ќе добие најмалку едно.

РФМ аплицираше за СП за кадетки и младинки во 2024 година, како и за СП за кадети и младинци во 2025 година. Останува да почекаме до петок и официјално да ја прогласиме нашата федерација за организатор на СП.

На конгресот во петок ќе биде доделена и организацијата на СП за кадетки кое оваа година требаше да се одржи во Кина, но поради Корона вирусот ќе се игра во друга држава.