Репрезентацијата на Македонија на третиот натпревар од Призидент Купот на Светското првенство 2023 против Мароко води на полувреме со 18:12.
Селекцијата од Африка го отвори натпреварот со водство од 1:0, додека Македонија во следниот напад, односно во втората минута од дуелот преку Серафимов израмни на 1:1. Минута подоцна, Серафимов повторно беше ефикасен за прво водство на македонската репрезентација од 2:1. Откако Мароко израмни на 2:2, избраниците на Кире Лазаров со серија од 3:0, односто со погодоците на Петар Атанасијевиќ и Костески, по пет минути ги имаа највисоките дотогаш ,,плус четири” 6:2.
Македонија во неколку наврати не реализираше за четири гола разлика, па така Атанасијевиќ повторно беше прецизен за 7:2. Мароко, кој речиси цели осум минути беше без постигнат гол, фати залет и со два гола во низа намали на 7:4. Следуваше период, во кој Мароко се обидуваше да фати приклучок и кон средината на првото полувреме дојде до минус два гола разлика, 8:6.
Двете репрезентации влегоа во брз ритам, се играше гол за гол и резултатот во 20 минута беше 11:9 во корист за ,,црвено жолтите”. Македонија имаше резултатска предност, но без голема комоција во играта, бидејќи Мароко во последниот период од првото полувреме ја подобри играта и се закануваше да го загрози водството на македонската репрезентација.
Сепак, ракометарите на Лазаров не дозволија целосен камбек на Мароко, искористија дел од грешките на ривалот и во 25 минута повторно имаа пет гола разлика, 16:11. До крајот на полувремето немаше поголема промена на резултатот. Македонија одржуваше дистанца од четири до пет гола разлика и на пауза замина со солидна позитива од шест гола разлика, 18:12.