Женската младинска репрезентација на Македонија го забележа вториот пораз на турнирот „Четири нации“ што се одржува во унгарскиот град Дабас, овојпат од Холандија со 26-21.
По дебаклот со Унгарија, денеска македонските младинки одиграа многу подобро и 50 минути и парираа на Холандија, која на крајот можеби и незаслужено прослави убедлива победа.
На стартот избраничките на Дамчевска поведоа со 3-1, Кирова два пати одбрани во серија, но следуваа неколку технички грешки на нашите ракометарки, па ривалот ја презема контролата.
Холанѓанките поведоа со 6-4, водеа и со 8-5, но македонските младинки не се откажуваа. Јанкуловска имаше соло пробив, потоа погоди и Младеновска за 8-7, а до крајот на полувремето стигнавме и до реми, 10-10.
На стартот на вториот дел се играше гол за гол, а Чурлиновска имаше две одбрани по ред и Македонија се одлепи на плус два, 14-12. Пропуштивме две прилики за плус три, па казната стигна од контранапад за 14-13.
Имавме највисоки плус три, 16-13 со двата гола на Коцева, но потоа промашивме пенал, следуваа два брзи гола на Холандија и ривалот поведе со 18-17. Јанкуловска ја врати Македонија во егал со голот за реми во 50 минута, но тука како да застанавме.
Нападот стана безидеен, уште еден пенал беше промашен и Холандија лесно ги казни сите грешки за плус четири, 22-18. До крајот се одигра само рутински за втор пораз на Македонија.
Најдобра во Македонија беше Марија Јанкуловска со пет гола, по четири постигнаа Бојана Коцева и Теодора Дукоска, додека три пати стрелаше Александра Коловска. Утре е последниот натпревар на нашите ракометарки од 12:00 часот против селекцијата на САД.