„Македонија треба на најдобар начин да го искористи домаќинството на ЕП“

Женската репрезентација на Македонија загуби од Словенија во вториот натпревар во рамките од ЕХФ Евро Купот, во Скопје Словенките славеа со 20:27. За разлика од Целје овој пат скоро во текот на целиот натпревар противникот го контролираше резултатот.

Не може да се каже дека девојките разочараа, посебно не на натпреварот во Целје каде што бевме конкурентни резултатски до последните секунди, голем потенцијал во нашата репрезентација гледа и селекторот на Словенија Драган Аџиќ.

„Во претходниот натпревар победивме со еден разлика и не очекував ништо повеќе и во овој натпревар затоа што ја следам Македонија од кога Љубомир ја презема. Верувам дека овој млад тим, посебно јуниорките кои ги воведува има потенцијал. Со една полна сала и уште неколку играчи кои недостасуваа мислам дека Македонија како домаќин може да биде конкурентна на Европското првенство. Јас ја сакам и почитувам Македонија, играв тука и го познавам карактерот“.

Аџиќ очекува Црна Гора, Македонија и Словенија на најдобар начин да го искористат домаќинството на Европското првенство.

„Жал ми е што сум малку со девојките и што ги немам сите на располагање, па сега да продолжиме да градиме нешто после Светското првенство, но во денешно време и не можев да очекувам да ги имаме сите. Сепак, полека го градиме тимот за Европското првенство, ние сме домаќини, Црна Гора е домаќин, Македонија е домаќин, па се надевам сите тоа ќе го искористиме. Генерално од искуство со домаќинството, иако не вакво тројно таа репрезентација или прави нешто големо или не прави ништо и игра под очекувањата. Верувам дека сите три земји ќе имаат добро првенство. Црна Гора веќе има еден сериозен успех зад себе, па пласман во главната фаза за нив е реален“.

Европското првенство на кое Македонија ќе биде еден од домаќините на програмата е од 4. ноември до 20. ноември.