Репрезентацијата на Македонија на првиот дуел на Европското првенство беше убедливо поразена од актуелниот олимписки првак Франција, со резултат 24:14, во натпревар од групата Ц, која се игра во Скопје.
Двете репрезентации натпреварот во СЦ ,,Борис Трајковски” го започнаа во грч, а првиот погодок го постигна левиот бек Естел Нзе Минко за водство на ,,триколорките” од 1:0. Ракометарките на Македонија никако не можеа да го пронајдат патот до мрежата на францускиот гол и најчесто ударите на бековите беа блокирани од цврстата одбрана на Франција.
Откако Македонија не реализира неколку напади за израмнување, гостинките со голот на Тунал од пенал дојдоа до 2:0 во 5 минута. По голот на Заади за предност на Франција од 3:0, селекторот Савевски мораше да побара тајм-аут, со цел неговите избранички да ги сведат грешките на минимум и да заиграат поангажирано во нападите.
Франција некако успеваше да ги казни грешките на Македонија и со вториот гол на Нзе Минко по десетина минути игра имаше предност од ,,плус четири” и водство 4:0. На моменти голманката Дарле не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа, па така олимпискиот првак кон средината на првиот дел имаше и предност од 5:0. Првиот гол за Македонија го постигна Јована Кипријановска во 15 минута за 5:1, а неколку минути подоцна Маџовска намали на 6:2.
Следуваше период во кој двете репрезентации не успеаја да реализираат неколку напади и во 20 минута една од поискусните во репрезентацијата на Македонија, Моника Јанеска со својот прв гол намали на 7:3. Во финишот од првото полувреме Франција ја врати максималната предност од пет гола и поведе со 8:3 и за неколку минути игра со три брзи гола, од кои два од контра, дојде и до 11:3. Серијата од 5:0 на Франција беше прекината со голот на Ристовска од пенал за 11:4. Франција на полувреме замина со активен резултат од 12:5.
Избраничките на Крумболц на почетокот на вториот дел со три гола во низа успеаја да ги постават и највисоките дотогаш десет гола разлика, 15:5. Првиот гол Македонија во второто полувреме го постигна во 35 минута преку Саздовска за 15:6, но разиграните ракометарки на Франција брзо вратија за 16:6. Крумболц комбинираше во најголемиот дел од второто полувреме и шанса им даде на речиси сите ракометарки од клупата.
При резултат од 18:7 во 40 минута, јасно беше дека избраничките на Савевски во понатамошниот тек од дуелот ќе имаат тешка задача да му парираат на поквалитетниот француски состав. Македонија погодуваше на моменти, но не успеваше да дојде до помала резултатска негатива.
Французинките во континуитет имаа предност од девет до десет гола разлика. И Савевски се обиде да комбинира, целосно ја измени бековската постава и во игра влегоа Арсениевска, Младеновска и Божиноска, кои стекнаа драгоцено искуство. Во последните десет минути Франција влезе со предност од 21:10 и рутински го одработи финишот. Македонија за момент успеа да намали на 22:13 и не можеше да го ублажи поразот на помалага негатива.
Најефикасна во репрезентацијата на Македонија беше Моника Јанеска со пет погодоци, по три постигнаа Сара Ристовска и Јована Саздовска, две реализации имаше Симона Маџовска, а Јована Кипријановска еднаш се запиша во листата на стрелци.