Репрезентацијата на Македонија на последниот натпревар од Светското првенство 2023 против Јужна Кореја води на полувреме со минимална предност од 20:19.
Македонија секој напад во воведниот дел го реализираше и доаѓаше до погодок. Дуелот меѓу избраниците на Кире Лазаров и селекцијата од Азија беше отворен со голот на десното крило Костески за водство на Македонија од 1:0. Следуваше период, во кој двете репрезентации го забрзаа темпото, македонската селекција одржуваше чекор пред Јужна Кореја и по нерешените 2:2, со серија од 2:0 нашата репрезентација дојде до ,,плус два” 4:2 во 5 минута.
Јужна Кореја не се снајде најдобро во првите десет минути и дозволи селекцијата на Македонија да го зголеми водството на 6:3. Како одминуваше времето Македонија одржуваше дистанца, го зголемуваше водството и по десет минути игра имаше четири гола разлика, 8:4. Во тој момент селекторот на Јужна Кореја мораше да побара там-аут за консолидирање во редовите на неговата репрезентација.
Ниту советите од клупата не помогнаа во таборот на азиската селекција, која сѐ почесто правеше грешки во нападите. Македонија кон средината на првиот дел дојде до дотогаш највисоките ,,плус пет” и водство од 11:6. Одбраната на Македонија не дозволуваше премногу простор и одлично се справуваше со ривалот во првите 15 минути.
Лазаров во последниот дел од првото полувреме направи неколку ротации во поставата и шанса имаа помладите играчи. Јужна Кореја по вторпат врза два гола во серија и во 20 минута успеа да намали дел од негативата, односно да дојде до минус три, 13:10.
Селекцијата на Јужна Кореја имаше шанса да дојде и до минус два негатива, но на голот Томовски имаше одредени блесоци и не дозволуваше противникот резултатски да се доближи. До крајот на полувремето дојде до опуштање во редовите на ,,црвено жолтите”. Откако Македонија водеше со 18:13, селекцијата на Јужна Кореја за неколку минути игра дојде до серија од 4:0 и намали на 18:17. На полувеме резултатот гласеше 20:19 во корист за македонската репрезентација.