Женската репрезентација на Македонија има негатива по првото полувреме на дуелот против Норвешка од два гола, 12-14. Гостинките отворија со водство од 0-2, беше 1-3, а потоа предноста порасна и четири гола, 4-8. Иако Мицевска бранеше солидно во овој период, сепак нападот немаше премногу решенија.
По 5-9, македонскиот селектор Савевски побара тајм-аут. Во продолжение нашите крила Ристовска и Саздовска погодија два пати по ред за 8-10, па реагираше со минута одмор и норвешкиот предводник Хергеирсон.
Беше 8-11, пред убавиот погодок со цепелин на Саздовска, а македонското крило уште еднаш стрелаше за 10-12. Имавме шанса за минус еден, но Ристовска не реализираше пенал, а потоа и уште една прилика.
Норвежанките казнија уште една наша грешка и од контра погодија за 11-14. Стојковска имаше одлично додавање до Дабевска која стрелаше за 12-14. Добивме уште шанса за минус еден, но беше искористена шансата на Штериова и на пауза се замина со 12-14.