Репрезентациите на Македонија и на Словенија денеска ја отвораат втората рунда на Светското првенство во Египет, а ова ќе им биде третпат да се соочат на Мундијалите. Словенија има две победи од претходните средби така што ќе биде навистина тешко на овој натпревар на кој мора да се одигра многу подобро од претходните дуели.
Денот одмор секако е добредојден за да се собере сили и да се види кој се жали на повреда така што е сосема извесно дека денеска мисијата ќе биде далеку потешка од првите три.
Словенија секогаш била тежок ривал за Македонија, а оние две минимални победи се исто така показател дека ова е еден од противниците со кои не ни оди воопшто. Оттаму денеска мора да се одигра паметно и мирно за да се спречи противникот да одработи во свој стил и да зададе многу проблеми.
Македонија е со тим од играчи кои веќе имаат по 3-4 првенства, но никако да се наметнат и да ја преземат одговорноста. Уште се чека од Лазаров, но тој веќе не може да го одигра она што можеше да се види од него пред неколку години кога ги торпедираше головите на противникот. За разлика од Македонија, Словенија е одлично покриена на сите позиции и може да одработи на исто ниво во текот на сите 60 минути. Тука се смета буквално на сите позиции каде има барем по двајца квалитетни играчи кои во секој момент можат да одговорат на потребите на селекторот.
Сето ова е најава за натпревар во кој ќе мора да се одигра смирено и да не се греши за да можеда се биде близу и да се бара некакв шанса за добар резултат.
Јасно е дека ќе биде тешко, а тоа го потврдија вчер во своите изјави и селекторот и ракометарите така што останува да се види на теренот однесувањето на момците кои не се прославија во првите три натпревари во однос на прикажаната игра, залагањето и желбата за победа иако забежаа победа против Чиле која ги внесе во вториот круг.
Средбата почнува од 15:30 часот, а со неа се отвора втората фаза во Групата 4.