Женската кадетска репрезентација на Македонија денеска ја очекува вториот натпревар од Светското првенство против селекцијата на Узбекистан. Станува збор за клуб-репрезентација, бидејќи сите ракометарки што играат за националниот тим настапуваат во еден клуб – Алмалик.
Иако загуби од Иран со 47-31 во првото коло, сепак ниеден ривал не треба да биде потценет, па ниту Узбекистан. Денешниот ривал на избраничките на Љубомир Савевски има практично само една постава, па во второто полувреме најчесто паѓа на физички план.
Најголемата опасност кон голот на Јовановска и Чурлиновска ќе доаѓа од левиот бек Севинч Еркабаева, а треба да се обрне внимание и на двата пивоти – Ѓуласал Имињонова и Лобар Шамиева, како и на средниот бек Сабина Мулаева.
Натпреварот меѓу Македонија и Узбекистан се игра вечерва од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“. Со победа нашите ракометарки ќе обезбедат место во главната рунда на коло пред крајот, а тоа ќе биде досега најдобар резултат на СП во оваа возрасна категорија.