Репрезентацијата на Македонија во дуелот со Аргентина во рамки од последното, трето коло, од групната фаза на Светското првенство 2023, на полувреме има негатива од седум гола разлика, 18:11.
Натпреварот започна со голот на Филип Талески, откако претходно селекцијата од Јужна Америка не успеа да реализира во мрежата на Никола Митревски. Иако Македонија во два наврати имаше шанса да дојде до плус два, сепак, Аргентина преку членот на Монпелје, Диего Симоне израмни на 1:1 во 3-та минута од дуелот.
Во воведниот дел имаше доста грешки во двата табора, па така по пет минути игра немаше промена на резултатот. Аргентина во 7-та минута со голот на Пизаро за првпат дојде до водство од 2:1. Минута подоцна, искусниот македонски репрезентативец Горце Георгиевски израмни на 2:2.
Откако резултатот беше нерешен (3:3), избраниците на Милано во 10-та минута со два гола во низа дојдоа до дотогаш највисоките ,,плус два” 5:3. Следуваше период, во кој Македонија влезе во криза и ги зголеми техничките грешки. Селекцијата на Аргентина го искористи падот на македонската репрезентација и дојде до сериозна предност кон средината на првото полувреме, поведе со 8:4.
Македонија – Аргентина
Ракометарите на Милано лесно доаѓаа до погодок, зголемија на 9:4 во 15-та минута и беа повеќе пофокусирани во нападот и одбраната. Избраниците на Лазаров немаа многу идеја во нападот и одвреме-навреме доаѓаа до голот на Аргентина. Кризниот период во таборот на Македонија беше прекинат со голот на Кузмановски, кој за момент намали на 9:5, бидејќи Аргентина со расположениот Диего Симоне дојде до дистанца од шест гола разлика, 11:5.
Водството на Аргентина во 20-та минута беше 11:6. До крајот на првото полувреме Македонија се обиде да дојде до помала негатива, но големиот број грешки си го направи своето. Аргентина во последните десет минути одржуваше водство од пет-шест гола разлика, а по 30 минути игра водството на јужноамаериканската селекција беше 18:11.