Европската ракометна федерација го објави клупскиот ранкинг за сезоната 2022/23 во меѓународните натпреварувања. Во него се вклучени поените од настапите на екипите во европските купови во сезоните 2018/19, 2019/2020 и 2020/21 без тековната сезона.
Во машка конкуренција, Македонија има пад за две места во однос на тековната сезона и сега се наоѓа на шестото место.
Тоа сепак значи дека македонскиот шампион го задржува правото на директно место во Лигата на шампионите и за следната сезона, а плус ќе има право да пријави и три екипи во Лигата на Европа.
Коефициентот на Македонија е 86,00, а опасно ни се приближуваат Полска и Португалија. Романија го има последното, деветто место кое гарантира директно место во елитното натпреварување. Хрватскиот шампион од наредната сезона ќе мора да бара вајлд-карта за ЛШ, а во тоа друштво ќе бидат и прваците на Словенија, Белорусија, Украина, Шведска, Швајцарија, Русија, Норвешка….
На врвот нема промени, па Германија остана прва со коефициент 145,00, додека Шпанија и Франција ги заменија позициите на второ и трето место.