Женската репрезентација на Македонија од вториот шешир би требало да ја чека ждрепката за квалификациите за пласман на Европското првенство во 2024 година.
Во квалификациите би требало да настапат 32 селекции, бидејќи Русија и Белорусија се суспендирани од ЕХФ, а ќе бидат формирани осум групи по четири репрезентации.
Според рејтингот на сите пријавени селекции, Македонија ќе се најде во вториот шешир, и ќе има убава шанса одново да заигра на континентален собир, кој од следното ЕП ќе има 24 учесници.
Иако Унгарија најави дека сака да се откаже од организацијата на ЕП 2024, сепак тоа се уште не е официјализирано од страна на ЕХФ, па оваа селекција заедно со другите два домаќини Швајцарија и Австрија, плус европскиот првак Норвешка, би требало да играат во ЕХФ Евро Купот.
Ждрепката за квалификациските групи ќе се одржи на 23 март, иако дополнително сите детали треба да бидат потврдени од страна на ЕХФ.
*проекцијата на шешири е направена согласно рејтингот, но може да претрпи измени
ЕП 2024, квалификации, шешири пред ждрепка:
шешир 1: Франција, Данска, Германија, Холандија, Шведска, Шпанија, Црна Гора, Романија
шешир 2: Словенија, Србија, Полска, Чешка, Македонија, Словачка, Исланд, Португалија
шешир 3: Украина, Турција, Италија, Фарски Острови, Литванија, Грција, Косово, Израел
шешир 4: Финска, Луксембург, Босна и Херцеговина, Летонија, Азербејџан, Бугарија, Велика Британија
Првото коло од квалификациите ќе се игра 11/12 октомври, второто е на програмата на 14/15 октомври 2023 година. Третото и четвртото ќе се играат во февруари/март 2024, додека последните две кола се во април 2024 година.
Пласман на ЕП обезбедуваат 20 селекции – двете најдобри од сите осум групи, како и најдобрите четири од третопласираните репрезентации. ЕП 2024 ќе се игра од 28 ноември до 15 декември.