Македонија на 12 првенства – кое е најчесто име во нашиот состав?

На вкупно 12 првенства на кои Македонија има учествувано досега, а меѓу нив се по шест Европски и светски на теренот се појавиле вкупно 65 ракометари. Се почна од 1998 година кога првпат игравме на ЕП во Италија. Потоа игравме и на СП 1999 година што исто така беше деби на големите светски натпреварувања за нашите ракометари.

Потоа следуваше пауза од 10 години, и од 2009 година постојано сме учесници на големите натпреварувања, се до јануари 2020 кога игравме на ЕП во Австрија.

Меѓу овие 65 ракометари имало дури 44 различни имиња, а само 12 се повториле барем двапати кога ќе се земат предвид учествата на големите натпреварувања на репрезентацијата на Македонија.

Името кое е доминантно во дресот на Македонија на Европските и на светските првенства е Филип. Петмина ракометари со ова име го носеле дресот на Македонија. Први кои беа на терен со името Филип беа Миркуловски и Лазаров во 2009 година. Потоа им се приклучија и Талески, Кузмановски и Чурлевски.

Со ова тие ја добија битката со ракометарите кои ги носат имињата Кирил, Горан, Влатко, Гоце и Мартин каде што досега настапиле потројца играчи со ова име. Двајца ракометари го носеле името Марко, Милан, Златко, Дејан и Александар.

Секако секое следно првенство може да донесе промени на оваа интересна листа на имиња на ракометарите кои настапувале за репрезентацијата на Македонија. Исто така и на листата на стрелци каде што досега пет ракометари успеале да ја надминат границата од 100 погодоци.