Македонија на контроли со „фараоните“ во ноември

Пред настапот на Европското првенство во јануари во Унгарија и Словачка, машката сениорска репрезентација на Македонија ќе се собере во првата недела од ноември.

За време на ЕХФ неделата, од 1 до 7 ноември, сениорите ќе одиграат две пријателски средби со африканскиот првак Египет на гостински терен.

По успешно завршениот квалификациски циклус, селекторот Кире Лазаров имаше акција со Б репрезентацијата и беа одиграни две средби против Србија, а веројатно дел од тие ракометари ќе ги видиме и на контролите со „фараоните“.

Македонија е во група со Словенија, Данска и Црна Гора на ЕП, а пред настапот на континенталниот собир сигурно ќе бидат закажани уште неколку контролни натпревари.