Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Данило Брестовац, ги повика Стојанче Стоилов, Дејан Манасков и Никола Маркоски да се приклучат на подготовките на националниот тим.
Тројцата ракометари беа на тестирање на коронавирус во текот на денешниот ден, а иако бил повикан сепак Гоце Георгиевски нема да се приклучи на репрезентацијата поради тоа што е надвор од форма по долгата пауза и прележаниот вирус.
По последните случувања во чешката селекција и големиот број на позитивни случаи, се зголемија шансите Македонија да патува на Мундијалот.
Затоа од раководството на репрезентацијата им било „наредено“ на ракометарите, особено оние што се на поширокиот список, овие неколку дена да ги сведат контактите на минимум, па ако биде потребно да бидат на располагање на репрезентацијата во следниот период.
Македонија ќе игра уште еден пријателски натпревар против Чиле на 10 јануари, а дотогаш веројатно ќе биде појасно дали нашата селекција ќе патува во Египет.