Вардар ќе биде наш претставник во Лигата на шампионите во машка конкуренција, но Македонија би можела да има тим по две години пауза и во женското елитно натпреварување. На денот кога се слави 18 години од европската титула на Кометал Ѓорче Петров, тимот на Куманово испрати пријава до Ракометната федерација на Македонија, која истата треба да ја проследи до Европската ракометна федерација.
Според ЕХФ ранкингот, Македонија има директно место во групната фаза, додека уште три екипи може да се пријават во Лигата на Европа. Но сепак треба да се почека на одлуката на европската куќа на ракометот, која на средината на јуни треба да ги објави учесниците во најелитното натпреварување.
Раководството на Куманово прво ќе се обиде да ја „нашминка“ салата во овој град, но опција ќе остане играњето во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ или СЦ „Јане Сандански“. Покрај овој критериум, ќе треба да исполни и други критериуми што ги бара ЕХФ, а на прво место да создаде конкурентен состав.
Металург би требало да се пријави во Лигата на Европа, додека Пелистер во ЕХФ Купот. Последниот рок за пријавување на екипи во ЛШ е 1 јуни во матичните федерации, а 9 јуни во ЕХФ. Вардар последен пат играше во Лигата на шампионите пред две години, а покрај вардарки само уште Кометал Ѓорче Петров играше во групната фаза, додека во квалификации за ЛШ порано играа и Еуростандард ЃП и ТК Бренд.