Женската кадетска репрезентација на Македонија загуби од Исланд со 25-22 во последното коло од главната рунда на Мундијалот и не успеа да обезбеди место во четвртфиналето. Таму ќе игра Шведска, која има ист број на бодови, но подобра гол разлика.
Гостинките тргнаа со водство со 2-0, па 3-1, пред Борјана Коцева да намали на 3-2. Младеновска погоди два пати пречка, имавме уште две грешки во нападот и Исланд се одлепи и на 7-4.
Дукоска промаши контра, па брзите Исланѓанките казнија за 8-4. Чурлиновска беше одлична на голот, врза две одбрани, а потоа Младеновска и Велкова од пенал намалија на 8-6.
Потоа следуваше еден период со многу грешки на двете страни, но Исланд прв ја преброди кризата и успеа да стигне повторно до највисоките плус 4, 13-9. На пауза сепак беше 13-10, откако Ризоска погоди во последните секунди.
Вториот дел тргна со промашување на двете страни, пред Младеновска да погоди за 13-11. Исландската голманка фати два удари по ред, еднаш промашивме и веќе во 35. минута, ривалот имаше највисоки плус пет, 16-11.
Сепак заигравмме малку подобро во одбраната, набрзина реализираа Ризоска и Бојана Коцева, па Македонија се врати во игра и намали на 16-14. Исландскиот селектор мораше да бара тајм-аут, по кој неговите ракометарки заминаа на плус четири, 18-14. Во продолжение се повторно истото сценарио. Ризоска играше одлично во овој период, погоди два пати и намали на 19-17, а потоа и Дукоска од пенал ја врати Македонија во игра, 19-18.
Беше и 20-19 по голот на Борјана Коцева, а нашите ракометарки тргнаа во напад за реми на десет минути до крајот. Дукоска не реализираше чиста ситуација, па потоа со серија од три гола Исланд се врати на безбедни плус четири, 23-19.
На пет минути до крајот, Македонија има две ракометарки повеќе во поле од Исланд и намали на 24-21, а потоа уште еден гол дадовме на празна мрежа за 24-22. Јанкуловска изнуди пенал кој не го погоди Ризоска за жал, а и Коловска промаши празен гол.
Казната стигна за 25-22 и веќе немаше назад за Македонија, која на 7 и 8 август ќе разигрува за пласман од 9 до 12 место. Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Бојана Коцева со шест гола и Емилијана Ризоска со четири, додека голманките Чурлиновска и Јовановска искомбинираа 12 одбрани.