Репрезентацијата на Македонија, која по пауза од десет години повторно игра на Европското првенство, во рамки од 2. коло од групата Ц на полувреме губи од Холандија со осум гола разлика, 17:9.
Избраничките на Пер Јохансон го отворија натпреварот со голот на Смитс за водство од 1:0, откако во воведниот дел и двете репрезентации не реализираа во неколку напади. Холандија во 5 минута имаше и 2:0, а првиот гол за Македонија во дуелот против ,,лалињата” го постигна кружниот напаѓач Сања Дабевска, која намали на 2:1. Холандија со четири брзи гола дојде до ,,плус пет” и водство 6:1.
Лошиот старт беше причина Савевски во 10 минута да побара тајм-аут, со цел неговите избранички да заиграат подобро во нападите и одбраната. Серијата од 4:0 на Холандија беше прекината со голот на Кипријановска за намалување на негативата на 6:2, а во 12 минута Ристовска реализираше за 6:3.
Поранешниот светски шампион кон средината на првото полувреме со три гола во низа зголеми на 9:3 и до крајот на првото полувреме имаше целосна контрола на резултатот. Средниот бек на Македонија, Моника Јанеска за момент намали на 9:4, но брзите холанѓанки за една минута постигнаа два гола и дојдоа до позитива од плус седум, 11:4.
Македонија на моменти покажуваше квалитет, се обидуваше да фати приклучок и по водството на Холандија од 12:5, ракометарките на Савевски за момент намалија на 12:7, но големиот број на технички грешки беа причина за убедливото водство на Холандија, која во последните десет минути од првото полувреме влезе со активен резултат од 13:7. До крајот на првиот дел немаше поголема промена на резултатот, македонската селекција бркаше негатива од пет-шест гола разлика, а по 30 минути игра резултатот беше 17:9 за ракометарките на Јохансон.