„Македонија има голем потенцијал, можат да бидат и на повисоко ниво од тоа во Целје“

Македонската репрезентација беше поразена во двата натпревари против Словенија во рамки од ЕХФ Купот. Во Целје натпреварот го загубивме во последните секунди со еден разлика, додека тука во Скопје Словенките скоро во текот на цел натпревар го контролираа резултатот.

Селекторот на Словенија Драган Аџиќ по натпреварот во Скопје зборуваше за македонската репрезентација и неговите впечатоци се дека во Македонија добро се работи и очекува голем напредок и во женскиот ракомет во наредниот период.

„Во Македонија гледам еден голем потенцијал, некои девојки првпат ги видов, го следев тоа јуниорско првенство. Секако дека тие девојки треба да се бараат, но сигурно дека можат да помогнат. Ние мислам дека имаме еден конкуретен тим и ако сме комплетни очекувам да бидеме на едно повисоко ниво отколку што до сега беше словенечкиот ракомет“.

Европското првенство на кое Македонија од 4. до 20 ноември ќе биде домаќин заедно со Црна Гора и Словенија го гледа како добра прилика.

„Следејќи ги подолго младите категории мислам дека во Македонија созреа една квалитетна генерација. Репрезентацијата на Македонија потенцијално сега е на нивото на регионот. За малите земји секогаш е важно да имате сидро од една добра генерација која е добра, па да се дополнува, со некои помлади и поискусни, така се создава еден квалитет за подолг период. Во Македонија добро се работи со ракометот и во машка и во женска конкуренција, женскиот полека се крева на ваков начин. Ова Европско првенство може да биде потстрек за понатамошни успеси“.

На Аџиќ му се допаѓа начинот на кој се развива и игра македонската репрезентација.

„Начинот на кој игра оваа Македонија е многу тежок за противникот, без оглед што резултатот од натпреварот тука поинаку изгледа. Но, ако тука се додадат Ѓорѓиевска и Штериова, тоа е веќе нешто друго. Двајца играчи кај вакви мали земји многу значат и се голема разлика. Филозофијата и начинот на кој се развива Македонија мислам дека може да бидат конкурентни, не само на нивото од Целје туку и повисоко“, изјави за „24Ракомет“ селекторот на Словенија.