Женската младинска репрезентација на Македонија загуби и на третиот натпревар на „Трофеј Карпати“ во Питешти со 30-29 од Србија, откако прими гол во последната секунда. Младинките имаа негатива од 25-21, се вратија до реми, 25-25, беше и 29-29 на десетина секунди до крај, но Србинките организираа напад и со гол од десната крилна позиција стигнаа до победа и трето место на турнирот. Македонија со три порази е последна.
Избраничките на Јулијана Дамчевска имаа лош влез во натпревар и негатива од четири гола по десетина минути, 7-3. Македонија имаше повремени блесоци и во неколку наврати ја преполови негативата.
Сепак Србинките ги користеа сите шанси, ние направивме неколку технички грешки во напад и предноста нивна отиде на плус пет, 15-10. До паузата, со голот на Младеновска беше 17-13. Повторно Младеновска и Јанкуловска врзаа два гола по ред за 17-15, а Сара Стефаноска намали на минус еден во 37. минута. Повторно имаше мала криза во нашата игра и Србија стигна до плус три, 22-19.
Како одминуваше времето, така нашите репрезентативки се враќаа во игра. По 25-21, израмнија на 25-25, а беше 29-27 за противникот на три минути до крај. Младеновска и Јанкуловска донесоа реми, 29-29, а останаа десет секунди за Србинките, кои организираа акција и Радевиќ погоди во последната секунда за триумф 30-29.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Јанкуловска со седум, Младеновска со шест и Стефаноска со пет погодоци, додека голманката Кирова имаше пет интервенции. Македонија со пет порази и една победа ги заврши подготовките пред младинското ЕП кое стартува во четврток, а нашите младинки се во група со Данска, Чешка и Црна Гора.