Светската ракометна федерација денеска ги официјализираше долго најавуваната листа на резервни репрезентации, доколку некоја од оние што добија место се откаже од настапот на Мундијалот во Египет.
Нашата машка репрезентација доби статус на прва резерва поради пласманот на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, каде што го освои 15 место.
Македонија е најдобро пласирана селекција на последниот континентален собир што нема обезбедено место на СП, па шансата за настап останува.
Критериумот за оваа листа на ИХФ беше пласманот на ЕП, со оглед на тоа што последниот светски првак Данска доаѓа од европскиот континент. На листата резерви се уште и Швајцарија, Холандија, Црна Гора, Украина и Србија, кои се пласираа до 20 место на ЕП.
Реално е за очекување некоја од африканските селекции како Конго, Ангола, Капе Верде…да не игра во Египет, но останува да почекаме до Нова Година дали сите репрезентации ќе ги започнат подготовките и да дознаеме дали Македонија ќе го продолжи континуитетот со настапи на големите натпреварувања.