МАКЕДОНИЈА Е ДЕВЕТТА СВЕТСКА СИЛА!

Машката кадетска репрезентација на Македонија заврши на 9. позиција на Светското првенство во Хрватска.

Избраниците на Раде Стојановиќ во вечерашниот дуел против Чешка одиграа на ниво и славеа со 28:22.

Македонските кадети од самиот старт, па до крајот на првиот дел беа во предност, дозволија ривалот само еднаш да израмни во првото полувреме (3:3), потоа без многу проблеми ја диктираа играта на теренот.

Македонија во првите 30 минути беше во константно водство од три до четири гола разлика и на пауза замина со активен резултат од 13:11.

Чешка за момент се врати во вториот дел, најпрво израмни на 14:14, потоа во 35-та минута поведе со 15:14. По играта гол за гол, ракометарите на Стојановиќ се оддалечија на 19:17 недозволувајќи и на Чешка премногу надеж за камбек.

Во последните десет минути дојде до израз квалитетот на „црвено-жолтите“ кои ја зголемија разликата и со победа го завршија настапот на СП.

Најефикасен во Македонија беше Мирче Калајџиески со 12 погодоци, осум додаде Давид Димевски, четири реализации имаше Марио Стојковски.

Нашата репрезентација доживеа само два порази и двата беа од скандинавските селекции – Норвешка и Данска.

Освен победата против Чешка, совладани беа и репрезентациите на Црна Гора, Грузија, Австрија и Унгарија.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!