После првите 30 минути на контролната средба против Словенија машката сениорска репрезентација на Македонија има негатива од седум гола и губи со 12:19.
После добриот почеток во кој неколку минути се играше гол за гол, а Македонија имаше и предност од 3:2 некаде на средината на првиот дел дојде до првата поголема разлика. После 6:6 дојде до неколку грепки, па Словенија прво се избори за 8:6. Тука следуваше еден погодок, но потоа се влезе во криза во играта во нападот. Многу тешко се обезбедуваа позиции за шут, а воедно тоа отвораше простор за противникот за лесни голови.
Тука набрзина се направи предност, па како се доближуваше кон крај првото полувреме така работите се менуваа, па пред заминување на одмор негативата отиде и до осум гола, 9:17 што беше превисоко со оглед на тоа како се играше.
Првите 15 минути ги играше една постава, но потоа дојде до неколку замени што не даваше резултат, па на одмор се замина со многу висока негатива од седум погодоци и резултат од 12:19, кој не гарантира добар епилог. Со оглед на тоа што во првиот дел не играше капитенот Кире Лазаров може да се очекува во продолжението да помогне.
Најефикасен после 30 минути е Манасков со четири гола, додека по два постигнаа Стоилов и Серафимов. Ристовски на голот имаше пет интервенции.