Ако ја минеме групната фаза, ќе вкрстиме со трите репрезентации од група Х: Словенија, Русија, Белорусија или Јужна Кореја.
По 22 години Македонија повторно се враќа во Египет на СП, а единствените што можат да зборуваат за искуствата од тоа СП се Данило Брестовац и Кирил Лазаров. Тогаш како играч, Брестовац сега ќе биде селектор, а најмладиот репрезентативец Кирил Лазаров ќе се присети на времето кога дебитираше на големите натпреварувања.
Тогаш СП се играше во јуни, а Македонија повторно беше во Каиро, во истата сала во која и сега треба да игра. Но, иако Македонија влезе како резерва на СП уште сега може да размислува дури и за влез во следната фаза и да разигрува за повисок пласман. Во групата во која ќе игра Македонија се уште и репрезентациите на Египет, Шведска и Чиле. Според пропозициите првите три репрезентации од секоја група продолжуваат понатаму и вкрстуваат со други три репрезентации.
Планирано е со Шведска да играме на 14 јануари, со Египет на 16, а со Чиле на 18 јануари. Доколку бидеме на едно од првите три места ќе следуваат нови три натпревари и тоа против најдобрите три репрезентации од група Х: Словенија, Белорусија, Кореја и Русија.
Со оглед на тоа што Македонија веќе двапати досега играше со Чиле во Скопје каде јужноамериканците се подготвуваа и двапати ги победивме повеќе од сигурно е дека ќе можеме да сметаме на тие бодови. Дури и со Шведска би требало да можеме да играме и повеќе од рамноправно и тука да бараме бодови што би ги пренеле во следната фаза.
Натпреварите од главната фаза се планирани за периодот од 20 јануари до 23 јануари. Потоа првите две репрезентации ќе се пласираат во четвртфиналето и ќе разигруваат за место кое ќе значи борба за медали.
Ова е прво СП кое ќе се игра со 32 репрезентации.