Филип Лазаров е замената за Ацо Јоноски на клупата на германскиот нисколигаш Интерактив Хендбол.
Поранешниот македонски репрезентативец дојде како играч во Интерактив во 2018 година, а беше активен до 2021 година, кога стана тренер на вториот тим.
Му помагаше во работата на Јоноски и во првиот тим, а сега кога едниот Македонец замина од функцијата, го наследи уште еден Македонец.
За Лазаров ова ќе биде прво искуство како главен тренер на некоја екипа, со која ќе се обиде сезонава да обезбеди место во Третата Бундес лига.
„Среќни сме што најдовме решение по многу разговори. Лазаров ќе го донесе потребниот квалитет за да ги оствариме нашите цели“, изјавија од Интерактив.
Во работата на Лазаров ќе му помага Александар Елзе, а во стручниот штаб ќе бидат тренерот на голманите Бенџамин Кармат и кондицискиот тренер Симон Крамер.
Во играчката кариера Лазаров ги бранеше боите на Металург, Вардар, Пелистер, Овче Поле, романскиот Темишвар, турскиот Бешикташ и германскиот Интерактив.