Магдебург славеше победа на домашен терен против Висла Плоцк со 33-27(17-16) во рамките на 4.коло од Лигата на шампионите. Полскиот вицепрвак беше противник по мерка само 30 минути, имаше одличен почеток и во ниту еден момент не дозволи домаќинот да создаде поголема предност,но на почеток на вториот дел нивната игра се распадна и домаќините стигнаа до лесни два бода во натпревар кој го судеше македонската судиска двојка Начевски-Николов.
Расположените Полјаци по израмнетиот почеток први дојдоа до водство од два разлика, Германците брзаа и во нетрпеливите напади често грешеа. Тоа беше причина за гостинската предност. Но во средина на првиот дел, Магдебург ја успори играта, а од позиционите напади успеваа да го матираат Пилиповиќ па благодарение на промашените зицери на Плоцк ја вратија контролата над резултатот и поведоа со еден гол. Во тој период домашниот голман Јенсен имаше свои минути па Магдебург го задржа водството до самиот крај. Одличниот руски репрезентативец во дресот на Висла, Косоротов ги постави конечните 17-16 по првите триесет минути.
Само десет минути во вториот дел беа потребни за Магдебург да го разбие отпорот на полските вицепрваци. Домашната одбрана беше на висина на задачата, Јенсен повторно ги читаше Полјаците од чисти позиции, а на спротивната страна брзи голови ги одведоа ракометарите на Магдебург на разлика од „плус пет“, 23-17 37. минута. Како одминуваше времето нервозата во редовите на Плоцк се манифестираше преку брзи удари од неизградени позиции, непрецизност и ризични додавања на линијата од шест метри, па затоа Магдебург имаше лесна задача да ја одржи предноста до самиот крај за конечни 33-27. Домаќините имаа „плус седум“ во средина на вториот дел 25-18 (42.минута), а Кристијансон и Сауструп Јенсен во 50.минута ги поставија највисоките „плус девет“ на овој дуел за 29-20.
Најпрецизен во составот на Магдебург беше Каи Смитс со 9 голови, Дамгард беше расположен и со неговите препознатливи удари од трк постигна 5, додека Кристијансон запиша 8 голови. Кај Висла Плоцк, Ловро Михиќ постигна 8 голови од исто толку обиди, додека Косоротов го следеше со 7.