Бундеслигашот Магдебург е првиот финалист на неофицијалното светско клупско првенство Супер Глоуб. Германскиот тим во полуфиналниот двобој го совлада данскиот Алборг со 32-30, откако на полувреме беше 18-18.
Магдебург тргна силовито, со водство од 5-0, во продолжение ја одржуваше таквата разлика, но по 18-14 во финишот на првиот дел, тимот што пред една недела загуби во Скопје успеа да израмни на 18-18.
На стартот на вториот дел Алборг направи комплетен пресврт и стигна до плус 3, 21-24, но Магдебург набрзина се врати во егал и беше 28-28. Бундеслигашот преку Магнусон, Дамгард и Хорнке стигна до 31-28, беше и 32-29, а Ларсен ги постави конечните 32-30.
Најдобар стрелец кај победникот беше Дамгард со 11 гола, а Магнусон даде седум, додека кај Алборг по пет пати погодија Јул Ласен и Бјорнсен. Магдебург ќе се бори за титулата на Супер Глоуб против победникот од дуелот Барселона – Пињеирос.