По поразот од ПСЖ минатото коло, ракометарите на Висла Плоцк се вратија на победничките патеки во Лигата на шампионите, откако славеа на домашен терен против данскиот првак ГОГ Гудме со 31-27.
Гостите по осум минути имаа водство од 5-2, но Олсен направи две грешки, Пилиповиќ му одбрани шут на Мадсен и Висла направи комплетен пресврт. Со серија од 7-1, полскиот вицепрвак се одлепи на предност од 9-6.
Набрзина Толбринг и на два пати Јоргенсен го вратија ГОГ гудме во игра, 10-10. Сепак до крајот на полувремето избраниците на Чави Сабате успеаја да си ја вратат предноста од три гола, 17-14.
На стартот на второто полувреме Висла Плоцк преку Лучин стигна до 19-14, а во продолжение домашните ја одржуваа разликата од три до пет гола. Во финишот ГОГ се доближи на минус два, но Пилиповиќ им фати два пенали и веќе немаше назад.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Тин Лучин со седум гола, а по четири постигнаа Житников, Косоротов и Пирох. Кај ГОГ Гудме се истакнаа Толбринг и Питлик со по шест гола.