„Лисиците“ со чартер лет до Охрид, Милосављев нема да брани против Еурофарм Пелистер

Фуксе Берлин е следниот противник на Еурофарм Пелистер во Лигата на Европа, во утрешниот натпревар од третото коло во групната фаза.

Бундеслигашот вчера имаше тежок меч со Лемго, кој го доби со 32-26, а веќе денеска со чартер лет патуваше до Охрид за да не губи време по аеродроми.

Во експедицијата не е екс вардарецот Дејан Милосављев, па друштво на Виктор Киреев на голманската позиција ќе му прави Ласе Лудвиг.

Битолчани имаат проблеми со составот и нејасно е на кои ракометари ќе може да смета тренерот Ларс Валтер за пресметката со „лисиците“.

Во среда, германскиот тим со чартер лет заминува од Македонија за Манхајм, каде што в четврток ги чека дерби против Рајн Некар Левен.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Фуксе Берлин се игра утревечер со почеток во 18:45 во „Боро Чурлевски“.