Лино Червар остана без спортски директор

Сребрената репрезентација од последното Европско првенство, Хрватска од завчера е без спортски директор иако тоа уште не е официјално.

После назначувањето на Игор Вори за тренер на екипата на ППД Загреб дојде до менување на нештата, па ќе мора да се избере наследник на Вори во националниот тим на Хрватска на позицијата спортски директор.

Лино Червар ќе има друг соработник бидејќи Вори ќе биде во тренерски води и ќе нема толку време за да ја извршува и задачата како спортски директор. Ова беше потврдено и од ППД Загреб.

„На функцијата спортски директор, Игор Вори ќе даде отказ за да може целосно да се посвети на работата во клубот. Идната сезона не чекаат големи и тешки предизвици. Повеќе немаме право да се криеме и мораме да ги постигнеме конкретните резултати што се однесува до Лигата на шампионите. Мораме да собереме доволен број на бодови за коефициент за да останеме во елитната група“, велат од ППД Загреб.

Ова значи дека Вори се насочува кон Загреб, а друг ќе треба да ја преземе неговата задача во националниот тим. Инаку, тој беше одличен на оваа позиција и од голема помош за Червар на последното Европско првенство.