Ракометарите на лидерот во Групата Б од Првата машка лига, Алкалоид, во рамки на 14. коло беа убедливи против Кичево со резултат 50:17.
Домаќините беа рамноправни само во воведниот дел од натпреварот кога го израмнија резултатот на 1:1. Избраниците на Љубомир Савевски, главно од контри ги постигнуваа погодоците, а по неколку минути игра, резултатот беше 6:2 за гостите.
Составот на Кичево не можеше ниту да следи, ниту да се избори за поблаг пораз. По петнаесетина минути игра, водството на гостинската екипа беше зголемено на највисоки плус седум позитива, 10:3. Кичевци одвреме-навреме постигнуваа погодоци, но тоа не промени ништо во однос на резултатската разлика.
До крајот на првото полувреме, гостинскиот состав од минута во минута го зголемуваше своето водство. По лошата игра на домаќините во првите 30 минути, на полувреме резултатот гласеше 24:8 за гостите од Скопје.
Ваквиот резултат беше најава дека во второто полувреме шанса на терен ќе имаат ракометарите со помала минутажа од двете екипи. Гостите тргнаа во вториот дел со фантастична серија од 13:0 за водство од 37:8.
Кичево првиот погодок во второто полувреме го постигна преку Тошев, дури во 42. минута. Последниот период од натпреварот беше чиста формалност, во која ракометарите од Скопје го наполнија голот на домаќинот, а конечниот исход од средбата беше 50:17 за ракометарите на Љубомир Савевски.
Најефикасни во редовите на гостинската екипа беа Марко Стојковиќ и Мартин Димовски со по осум погодоци. Во домашната екипа се истакна Александар Мирчески со шест погодоци.