Лејно: Франција на ЕП ќе биде меѓу најдобрите!

Некогашната ракометарка на Вардар, Амандин Лејно, по долго време ќе дојде во Македонија.

Таа ќе биде дел од француската делегација што ќе игра на ЕП во Македонија, односно Скопје како тренер на голманите.

По заминувањето од унгарскиот Ѓер минатата сезона, искусната голманка реши да ја заврши својата играчка кариера.

Лејно за официјалниот сајт на Европската ракометна федерација (ЕХФ) зборуваше за новиот предизвик, како и за очекувањата од Европското првенство во ноември. Екс голманката на Вардар очекува Франција да се бори за висок пласман на континенталниот собир.

„Се чувствувам многу добро во новата улога. Го познавам доволно стручниот штаб и соиграчките. Имам чувство дека никогаш не сум ја напуштила репрезентацијата. Тука сум за нив, за моите поранешни соиграчи и сакам да им помогнам. Отсекогаш сум уживала да ги пренесувам стекнатите искуства, а сега ова е мојата работа. На ЕП се надевам дека ќе бидеме меѓу четирите најдобри селекции. Ако го направиме ова, ќе бидеме многу среќни. Имаме многу нови и млади играчи, но францускиот тим мора да одигра на висина на задачата”, изјави Лејно.

Франција е во група со Македонија, Холандија и Романија на Европското првенство што ќе стартува на 4 ноември.